Додека многу европски држави ги претвораат термалните извори во модерни туристички и здравствени центри кои носат милиони евра приходи, Македонија и понатаму стои во место иако располага со огромен природен потенцијал. Најдобар пример за тоа е Штип и неговата Бања Кежовица – природно богатство кое со децении останува неискористено и запоставено.
За споредба…
Во близина на Букурешт, Романија, денес функционира еден од најмодерните термални комплекси во Европа – комплекс со 9 базени со термална вода, 6 сауни, 4 парни бањи и 16 водени лизгалници. Во рамките на центарот се наоѓа и огромна ботаничка градина со повеќе од 800.000 растенија, над 1.500 палми, орхидеи и егзотични видови од целиот свет. Тоа место годишно привлекува стотици илјади туристи и претставува симбол за современ здравствен и велнес туризам.

Во исто време, Бања Кежовица во Штип, која поседува природни термални води со извонредни лековити својства, останува заглавена во минатото. Наместо модерен спа-центар, европски велнес-комплекс или здравствено-рехабилитациски центар, просторот и понатаму изгледа како објект од минатиот век. И покрај тоа што речиси 12 години е под приватна концесија, граѓаните и туристите не видоа вистинска трансформација.

Особено загрижува фактот што Кежовица и култните Л’џи претставуваат едно од најголемите природни и историски богатства на Штип. Термалната вода таму е позната по своите лековити својства за ревматски, кожни и други заболувања, а многумина тврдат дека квалитетот на водата е споредлив со прочуените европски бањи.
Но разликата е огромна – таму државата и инвеститорите препознале можност за развој, туризам и економски раст, додека кај нас природниот потенцијал останува неискористен.
Кочанската котлина, Штип и Лакавичкиот регион располагаат со околу 16 геотермални извори. Тоа е повеќе од некои познати бањски центри во регионот. Во Бугарија, на пример, термалните извори во Сапарева Бања и Банско се претворени во сериозна туристичка индустрија која носи огромни приходи и ја движи локалната економија. Во Банско, термалниот туризам е втор најважен економски двигател веднаш по ски-туризмот.
Македонија има природен ресурс кој многу држави го немаат – топла минерална вода, сончеви денови, чист воздух и природни локации. Но наместо стратегија, инвестиции и визија, со години сведочиме на негрижа, импровизација и пропуштени можности.
Штип можеше одамна да биде регионален спа и велнес центар на Балканот. Наместо тоа, младите заминуваат, туризмот стагнира, а природното богатство останува неискористено.
Прашањето е едноставно: ако Романија, Бугарија, Чешка и Германија можат да изградат модерни термални центри од своите природни извори – зошто Македонија сè уште не може?
ПИШУВА НИКОЛА.А

