На денешен ден, пред 40 години, почнаа 14. Зимски олимписки игри (ЗОИ). Сараево, главниот град на БиХ, во составот на тогашна СФР Југославија, од 8 до 19 февруари 1984-та, беше домаќин на најголемиот спортски настан во светот во тоа време.
Тоа беа први ЗОИ во една социјалистичка земја и резултат на седумгодишни подготовки, откако Сараево беше избран за домаќин во мај 1978 година.
На ЗОИ во Сараево настапија 1.272 спортисти од 49 земји (рекорд во тоа време), во 39 настани, во 10 различни спортови и дисциплини.
Фестивалот на млади и спорт, како што го нарекоа многумина во светот, влезе во историјата на олимпиското движење. Не само заради многуте спортски рекорди, туку и заради она што беше направено многу пред почетокот на првите ЗОИ во овој дел од Европа.
Една година пред официјалното отворање на ЗОИ беа изградени сите потребни објекти, 167 главни и повеќе од 400 помошни. Зимските игри во Сараево 1984 година ги сметаа за најдобро организирани дотогаш.
Натпреварите во алпско скијање се одржаа на Бјелашница и на Јахорина, во боб и во санкање на Требевиќ, во биатлон, нордиско скијање и во скијачки скокови на Игман, а во хокеј и уметничко лизгање во Зетра и во Скендерија, во Сараево. Доделувањето на медалите се организираше на платото пред салата „Скендерија“.
Најуспешни беа спортистите од СССР со 25 освоени медали (шест златни, 10 сребрени и девет бронзени) и Источна Германија со еден помалку, но со повеќе златни медали (9, 9, 6).
Но најважниот настан за сите во тогашната СФРЈ беше велеслаломот во машка конкуренција, на 14 февруари. На тој ден сребрен медал освои Словенецот Јуре Франко, прв на ЗОИ во историјата на Југославија со што стана најпопуларната личност во земјата во тие денови.
Како куриозитет треба да се спомене и дека по неколку „сушни“ месеци, во ноќта меѓу 7 и 8 февруари, навеа многу снег во Сараево и во околината. Олимпискиот оган на стадионот „Кошево“ го запали Сандра Дубравчиќ, тогаш најдобрата југословенска лизгачка на мраз.