Една од популарните југословенски урбани легенди вели дека при посетата на СФРЈ во 1961 година, етиопскиот император Хаиле Селасије му рекол на Јосип Броз Тито дека голем и убав град како Белград нема ниту еден престижен хотел. Според легендата, таа забелешка толку многу го налутила Тито, што веднаш издал наредба да се изгради хотел со симболично име „Југославија“.

Хотелот „Југославија“ во Белград, некогаш најлуксузната угостителска зграда на поранешна СФРЈ и најголемиот и најмодерен објект од ваков вид во поранешната држава, неодамна беше продаден на јавна аукција. Познатиот објект на кејот Земун, земјиштето кое му припаѓа, како и сите уметнички дела (некои од големо историско значење) ги купи компанијата „МВ Инвестментс“. Со своите седум ката, помошни згради, 1.500 соби, 23 апартмани, ресторан, зимска градина, тераса за појадок, бар и ноќен клуб, хотелот некогаш бил апсолутен бисер на гостопримството во Југославија. Судбината на хотел „Југославија“ наликува на судбината на земјата чие име гордо го носела сите овие години, но и на судбината на повеќето хотели од таа ера. Од некогашните бисери останаа само духови.

Хотел „Југославија“ – од сјај до очај

За разлика од урбаната легенда спомената на почетокот на текстот, вистината била многу поинаква. Конкурсот за изградба на овој архитектонски титан, кој требало да ја претставува сета големина и сила на новата држава, всушност бил распишан по иницијатива на Тито, но во далечната 1947 година.

Хотелот „Југославија“ не треба да се гледа изолирано, туку како дел од огромен градежен проект од социјалистичкиот период, што било потврдено со изложбата „Кон бетонска утопија“ во музејот МОМА во Њујорк“, објасни еднаш Бранислав Димитријевиќ, српски историчар и теоретичар на уметност.

На конкурсот победиле загрепските архитекти Младен Каузлариќ, Лавослав Хорват и Казимир Остроговиќ. Комисијата ја оценила нивната работа како модерна и совршено приспособена на новобелградските трендови од тоа време. На почетокот, проектот се викал „Хотел Белград“, но било заклучено дека името „Југославија“ многу повеќе би одговарало за ваква грандиозна зграда.

Но, од идеја до изградба поминале речиси 20 години. По низа проблеми и одложувања, хотелот бил отворен во 1969 година, а конечниот ентериер го дизајнирале белградските архитекти Иван Антиќ, Мирко Јовановиќ, Владета Максимовиќ и Милорад Пантовиќ.

На свеченото отворање на хотелот лентата ја пресекол другарот Тито. Главната зграда на хотел „Југославија“ има седум ката, а посебен бил и импозантниот ентериер на хотелот. Повеќе од 600 соби и апартмани, ресторан со повеќе од 800 седишта и незаборавен поглед на Дунав.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *