На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси-Франција, кој годинава го славеше своето триесетто издание, премиерно беше прикажан првиот долгометражен филм на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“
Француската публика која со долги аплаузи го награди филмот, имаше можност на големиот екран поставен во дворот на Мануфактурата (поранешна фабрика за цигари, а сега културен центар) во Нанси, преку „Диџеј Ахмет“ да ги види прекрасните пејзажи од Македонија.
Некои од гостите на премиерата не го криеа нивното изненадување од содржината на филмот, обработената тематика, играта на актерите, фотографијата. Изненади се и од чистотата на турскиот јазик кој се зборува во филмот, што, според нив е потврда дека Македонија е земја на толеранција и културна разноликост која се почитува и за најмалите етнички групи кои живеат на нејзина територија.
Покрај „Диџеј Ахмет“ на фестивалот во Нанси беше прикажан и црногорскиот филм „Живи и здрави“ на режисерот Иван Мариновиќ, кој е со македонска копродукција.

Фестивалот е фокусиран на филмската продукција на земјите од Балканот: Северна Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а во рамките на фестивалот беше поместена и изложбата на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од авторот Роберт Јанкулоски.
Филмскиот фестивал во Нанси, веќе неколку години соработува со НУ Центар за култура-Битола во организирањето на „Малата школа на краткиот филм“, која годинава се очекува да се одржи по петти пат и Меѓународниот етнографски филмски фестивал – Илинденски денови, чие четврто издание е до 19 до 26 јули во Битола и на 27 јули на Зајдисонце во Трпејца.

