По поместувањето на стрелките на часовникот на летно сметање на времето, многумина чувствуваат замор и намалена концентрација. Причината е нарушување на биоритамот и намалено лачење на мелатонин. Истражувањата покажуваат дека првиот понеделник по промената може да го зголеми ризикот од срцев удар за околу 25 проценти.
Недостатокот од само еден час сон влијае и на продуктивноста, менталното здравје и безбедноста во сообраќајот, со зголемен број несреќи во деновите по промената.
Експертите советуваат постепено прилагодување на распоредот за спиење, повеќе дневна светлина и избегнување стрес во првите денови по поместувањето на часовникот.
Истражувањето во Америка покажа дека за само шест дена по поместувањето на часовникот, бројот на сообраќајни несреќи се зголемил од 5,4. до 7,5 отсто. Според пресметките, тоа значи уште 302 смртни случаи во период од 10 години. Зошто всушност го правиме тоа? Главниот „виновник“ за поместување на часовникот е Бенџамин Френклин, бидејќи тој прв дошол на идеја да го помести часовникот за да го продолжи посветлиот дел од денот во вечерните часови. Неговата идеја дојде за да заштеди на енергетските ресурси, како што се пчелин восок и масло за маслени светилки, но во денешно време поместувањето на часовникот се смета за контрапродуктивно. Во 2018 година, Европската комисија предложи укинување на сезонските промени во пресметката на времето. Тој предлог беше заснован на ставови на граѓаните, анализи, стручни студии, преговори со Европскиот парламент и јавни консултации. Минатата година земјите-членки требаше да го укинат менувањето на часовникот, но тоа беше одложено за „некое време во иднина“.
новинар Никола.А
