Над 20 музички уметници, повеќето оперски пејачи од светски ранг, синоќа собраа 180.000 евра, донации за виенската болница за деца болни од рак „Света Ана“. Концертот во престижната виенска Концертна сала го организираше Аки Нуредини, по повод 40 години од неговиот ресторан „Соле“.
Нуредини, родум од тетовското село Камењане, е сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, омилено место на оперскиот џет-сет и на австриските политичари и дипломати.
Нуредини во Виена е познат како неформален амбасадор на Македонија бидејќи неговиот ресторан е сврталиште на македонски политичари, бизнисмени, уметници и добронамерници кои го посетуваат австрискиот главен град, или како што често вели самиот, „Соле“ не е ресторан, туку институција, интересен спој на култура и политика.
На Аки во 2018 му беа врачени Златен медал и Златен крст на честа за служба во Австрија, највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја, а во 2009 година беше прогласен за почесен граѓанин на Виена.