По серијата настапи во регионот, во петокот и саботата познатиот македонски гитарист, композитор, пејач и текстописец Влатко Стефановски, одржа два извонредни концерти во големата сала на македонска Филхармонија.
Речиси три часа Влатко, заедно со синот Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас, кои се членови на негвото трио, а со текот на времето израснаа во врвни музичари, извонредниот Дамир Имери зад клавијатурите, кој редовно го придружува Стрефановски на настапите, како и придружните вокали од Струмица и Радовиш: Слободанка, Стојан и Тодор, со кои Влатко, во еден момент дури и заигра оро на сцена, што беше бурно поздравено од публиката. На концертот присуствуваа и снаата на Влатко, Патриша Стефановска и синот на неговиот брат Горан, Игор Стефановски кои допатуваа од Англија.
И се редеа песните кои ја обележаа кариерата на легендарниот музичар: „Кандилце“, „Бистра вода“, „Кумова слама“, „Бистра вода“, „Влатково оро“,„Верба, надеж, љубов“, „Џипси сонг”, „Чувам ноќ од будних“, „Скопје“, „Чукни во дрво“, „Јовано, Јованке“… На крајот ја слушнавме и неговата верзија на песната на „Битлси“ „While My Guitar Gently weeps“.
И во сите песни доминираше единствениот звук на гитарата на Влатко Стефановски, кален и дотеруван половина век. По три биса заврши оваа ноќ за паметење, која сите ги допре со своите емоции. Ноќ кога по кој знае кој пат се уверивме зошто во континуитет од 50 години Влатко е амбасадор на македонската култура во светот.