Во Нова Градишка, Хрватска, започна 17-от ултрамаратон во чест на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески. Четиринаесет маратонци ќе трчаат низ Хрватска, Србија и Македонија, со цел да стигнат во Крушево на 16 октомври, на денот од годишнината од трагичната смрт на Тоше, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, токму во Нова Градишка.

Пред почетокот на ултрамаратонот, маратонците положија цвеќиња на спомен-обележјето на Тоше во Хрватска. Според Наум Капричеваски, кој е дел од маратоните од самиот почеток, маратонците ќе го поминат патот низ Хрватска штафетно, а низ Србија ќе патуваат со возила. Се очекува да пристигнат на македонската граница на Табановце на 15 октомври околу 13 часот, а до 18 часот ќе бидат на плоштадот во Скопје.

Маратонците ќе продолжат кон Велес, Прилеп и Росоман, за на 16 октомври на пладне да пристигнат во Крушево. Таму ќе бидат пречекани од ученици кои ќе положат 500 рози во чест на Тоше, а крајната цел ќе биде вечното почивалиште на Гумење.

Настанот започна со молитва и литургија во Загреб, каде што маратонците беа пречекани од претставници на македонското друштво и свештенството на македонската православна црква.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *