Денес, се одбележуваат точно шест месеци од катастрофата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, каде што 62 млади луѓе ги загубија своите животи.

Во знак на сеќавање на жртвите, родителите на загинатите организираат „Марш за Ангелите“.

Собирот ќе стартува во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се движи по претходно утврдена патека – општинска зграда, УЈП, полициска станица, кочанскиот суд и јавното обвинителство, а ќе финишира повторно во „Паркот на Револуцијата“.

Денес, на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, со почеток од 20 часот, ќе се одржи посебен настан насловен „Штип не заборава – Ѕвездено небо за нашите ангели“. Настанот е во чест на петтемина штипјани кои трагично загинаа во големата трагедија во клубот Пулс.

Овој настан има за цел да им оддаде почит на жртвите и да потсети на болката што ја почувствува целата заедница. „Ѕвездено небо“ ќе биде симболичен чин на сеќавање, почит и заедништво, каде семејствата, пријателите и граѓаните на Штип ќе можат да се потсетат и да им се поклонат на своите загубени блиски.

Организаторите истакнуваат дека овој спомен-час не е само повод за тага, туку и можност за заедничка поддршка и сеќавање на животите кои беа ненадејно одземени, оставајќи неизбришлива трага во срцата на штипјани.

И во Скопје вечерва на плоштадот „Македонија“  во 20:16 часот ќе се одржи тивок собир за оддавање заедничко сеќавање за сите изгубени животи, информираат активистите од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентско пленумско движење.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *