Изминатиот викенд Народниот театар во Штип ја претстави премиерата на „Случајна смрт на еден анархист“ од нобеловецот Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска. Сатиричната приказна, која на духовит начин ја разоткрива манипулацијата со вистината и односот меѓу институциите и граѓаните, беше пречекана со голем интерес.

Режисерката Ангеловска истакна дека претставата отвора важни прашања за тоа како се формираат „вистините“ што секојдневно ни се сервираат и како тие влијаат врз општествената слика.

Актерската екипа – Марија Минчева Андонов, Ефтим Трајчов Гаурски, Милорад Ангелов, Ава Хусеини, Никола Кузелов и Стефанија Митовска – со живописна игра и комичен пристап успеа да го долови духот на едно од најпознатите дела на Фо. Тие нагласија дека и покрај годините, текстот и денес силно кореспондира со нашата реалност.

Публиката возврати со долг и бурен аплауз, многу емоции и целосно уживање во изведбата. Настанот уште еднаш докажа дека штипјани знаат да го ценат и поддржат квалитетниот театар.

Ова е втора успешна соработка меѓу ансамблот и Ангеловска, по добро прифатената претстава „Возможни светови“. Театарот ја најави новата премиера како современо светско дело што ја збогатува локалната културна понуда.

Следната изведба на „Случајна смрт на еден анархист“ ќе се одржи утре вторник, 18 ноември.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *