Македонските средношколци постигнаа одличен успех на 66. Интернационална олимпијада по математика (IMO) што се одржа во Саншајн Коуст, Квинсленд, Австралија.
Алексиј Тасиќ освои златен медал, а Дамјан Давков сребрен, во конкуренција од 630 учесници од 110 држави. Според Сојузот на математичари на Македонија (СММ), Алексиј Тасиќ го освои златниот медал со освоени 35 поени, што претставува само трет златен медал за Македонија во 33-годишното учество на ова престижно натпреварување како независна држава.
Покрај златото, македонскиот тим освои и сребро и три пофалници.
Дамјан Давков освои сребрен медал со 30 поени, а пофалници добија:
Ивано Божиновски (18 поени), Леонид Тодороски (15 поени) и Марко Серафимовски (14 поени).
Шестчлената македонска репрезентација, во чиј состав беше и Бранко Јангеловски, беше предводена од менторите Илија Јовчески и Мирко Петрушевски, под организација на Сојузот на математичари. Тимот претходно помина едномесечни интензивни подготовки од 11 јуни до 11 јули, опфаќајќи напредни теми од алгебра, комбинаторика, геометрија и теорија на броеви.
Со овој резултат, македонската репрезентација се пласираше на 29-то место во светот, оставајќи зад себе голем број поголеми и поподготвени екипи.

