Штипскиот „Биг Бен“ како што умеат да кажат штипјани, односно познатата и култна Саат кула e’ уште еден од симболите кој го краси градот и потсетува на едно убаво и минато време.
Штипската Саат – кула е споменик на културата од 17 век и е под заштита на државата. Штипјани ја знаат како Саат – кула а таа е всушност Бегова кула.
Историјата укажува дека кулата била изградена од турски бег, кој живеел во Штип, но неговото име не останало запишано. Тој ја направил кулата за да го заштити семејството во кризни времиња.
На објектот имало и пушкарници и балкон, а еден век подоцна на кулата бил поставен и часовен механизам.
Дел од кулата бил урнат во 1934 год. Според едни толкувања, уривањето било од безбедносни причини, според други тоа било резултат на немирот кај пошироката околина од силното отчукување на часовникот.
Според некои податоци, саат кулата почнала да се гради пред 4 века а часовникот бил донесен во поново време и бил набавен од Австрија. Првично саатот почнал да им смета на штипјани, но тие брзо се навикнале на неговото деноноќно чукање па затоа тешко им дошло кога саатот престанал да чука за подолго време. Порано, штипјани посебно навечер не морале да стануваат па да ги гледаат своите собни часовници, туку во сон го слушале озвонувањето на часот.
ЛЕГЕНДА
Кулата датира уште од 1650 година. Некој турски бег се заљубил во убавата штипјанка Анка. Сакал да ја потурчи и во тоа бил мошне упорен. Таа, за да го откачи, еднаш рекла дека ќе се потурчи, но тој за возврат на градот, како сеќавање, да остави убав спомен, на пример,една кула која ќе биде и градски саат. Анка мислела дека бегот ќе се откаже од нејзината љубов. Меѓутоа,Турчинот, бидејќи бил догуша заљубен во убавата Анка, за сосема кусо време ја изградил кулата и ја одвел со себе младата штипјанка”, говори легендата зa Саат кулата во Штип
Деценискиот молк на градскиот саат, како што штипјани милуваат да го нарекуваат, беше тажно, оти долгогодишното и редовно чукање на саатот на секој час им се врежало во сеќавањето.
За жал и понатаму со години овој споменик е непристапен за посетителите.
Кулата е оставена на забот на времето и освен помали заштитни зафати, нема извршено никакво реновирање, поради што ѝ се заканува еродирање. Постоеле обиди за нејзина обнова, а биле најдени и средства од граѓанин на Штип, но поради отпор од сопствениците на блиските семејни домови, идејата за обнова не се остварила.
Моментално, саат-кулата е обрасната со трева, непристапна за граѓаните и без осветлување. Веќе неколку години не работи ни самиот часовен механизам. На кулата ѝ е потребна реконструкција со зајакнување на нејзината конструкција.
Со проектот од 2007 година било предвидено вградување на 10 тони челик, а целата саат-кула да се претвори во изложбен простор, како и да се отвори сувенирница. Воедно, со проектот се планира висината на кулата да биде зголемена за 12 метри, односно да биде висока околу триесетина метри, а се планирало да бидат поставени и три големи часовници.