Марина Нисева од Штип е вистинска уметница кога станува збор за рачно изработени новогодишни и божиќни производи. Нејзината креативност може да се види во уникатните пињaти за најмалите, свеќи во форма на икони и ангели, како и новогодишните елки кои ги изработува со многу љубов и внимание. Оваа година, Марина реши да учествува на Новогодишниот базар на шеталиштето во Штип, каде што ги изложува своите рачно изработени производи.

 

На пазарот, нејзините уникатни производи привлекуваат големо внимание, а штипјани и посетителите се воодушевени од нејзината креативност и топлината што ја пренесуваат рачно изработените предмети.
Марина е полна со позитивна енергија и вели дека атмосферата на првиот новогодишен маркет е убава– сите се насмеани, исполнети со новогодишна еуфорија и среќа. Низ својата работа, таа не само што ја покажува својата љубов кон уметноста и креативноста, туку и се приклучува кон создавање на посебен дух на заедништво и радост, кој што го одбележува ова време на година.

AngelsFm– Колку години ги изработуваш пињатите?
Марина Нисева– Пињатите почнав да ги работам за моја лична употреба, всушност за моите деца, а со текот на времето почнаа веќе и нарачките. Оваа година решив да ги покажам на граѓаните на Штип.
AngelsFm- Колку време се изработуваат пињатите?
Марина Нисева- За една пињата да се изработи потребно е од 3 до 4 часа нејзина изработка и се зависи од нејзината големина. За нејзина изработка потребно е картон, хартија и зависи за каква тема станува збор за да се изработи. А кога станува збор за темата, секогаш ја почитувам желбата на клиентот.
AngelsFm- Како поминува Новогодишниот базар? Вие за прв пат сте дел од оваа празнична еуфорија?
Марина Нисева- Оваа година за прв пат имаме ваква преубава празнична еуфорија во нашиот Штип. Многу сум изненадена од самата заинтересираност за пињатите и големата посетеност во Штип.
AngelsFm- Освен пињатите што друго сакаш да изработуваш?
Марина Нисева– Изработувам свеќи и картонски кутии со чоколада. Ова го започнав да го работам како хоби за да после прерасне во моја професија.
AngelsFm– Колку сте вие задоволни од Новогодишниот базар?
Марина Нисева– Многу сум задоволна и среќна што сум дел од оваа организација за да им покажеме на граѓаните дека нешто се случува во Штип. Штипјани нека го посетат базарот за да ја почувствуваат празничната еуфорија. Доаѓаат празници, а празниците се за подароци.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *