Речиси половина век откако песната „Hotel California“ на бендот „Иглс“ стана хит, тројца мажи се појавија на суд во Њујорк во кривична постапка поради спорот кој е сопственик на околу 100 листови на кои се напишани различни верзии на текстот на оваа песна, како и други композиции на бендот, пренесува АП.
Клучен сведок во постапката треба да биде еден од основачите на „Иглс“, Дон Хенли, кој сака да ги врати тие ракописи, додека тројцата обвинети се познати професионалци во светот на колекционерите.
Дилерот на ретки книги Глен Хоровиц, поранешниот кустос на Рокенрол-куќата на славните, Крег Инчијарди и дилерот на сувенири Едвард Косински се обвинети дека ги продавале страниците и покрај тоа што знаеле дека нивната историја на сопственост е, во најмала рака, проблематична.
Тие планирале да ги спречат напорите на Хенли да го врати поседувањето на ракописите на различните верзии на песната, за кои тој тврдел дека се „украдени парчиња наследство“.
Тројцата обвинети се изјаснија дека не се виновни по сите точки од обвинението, вклучително и заговор за поседување украден имот. Документите не се украдени, не купиле ништо незаконски или се обиделе да ги продадат, тврдат правните застапници на обвинетите и наведуваат дека Хенли доброволно се откажал од спорните документи.
Меѓу страниците што ги бара Хенли има работни верзии на стиховите од албумот „Hotel California“ од 1976 година, кој е трет најпродаван албум досега во САД. Меѓу тие документи се и верзии на песните „Life in the Fast Lane“, „New Kid in Town“ и секако „Hotel California“.
Минатата година, песната имаше повеќе од 220 милиони стримови во САД и беше пуштена на радио станиците низ целата земја 136.000 пати. Случајот дојде на суд во 2022 година, една деценија откако поединечни страници почнаа да се појавуваат на аукциите, кои Хенли ги регистрираше.
Тој ги купил четирите страници за 8.500 долари, но ги пријавил украдените документи, според обвинителот. Во тоа време, стиховите беа во рацете на Косински и Инкарди, кои ги купија од Хоровиц за 65.000 долари.
Компанијата на Хоровиц ги купи за 50.000 долари во 2005 година од Ед Сандерс, кој беше основач на авангардната група „Фагс“ и работеше со „Иглс“ како биограф на бендот. Но, тој не беше обвинет.