Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја старува утревечер (петок, 17 јануари) во Темишвар, Романија со оркестарската изведба на проектот МАКЕДОНИСИМО.
Трпчески веќе наредниот ден стартува со својата мастер класа на Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, додека концертните ангажмани ги продолжува во февруари со настапот во Нови Сад како солист на Војводинската филхармонија со диригентот Габриел Бебешелеа, три концерти во Балтимор со Симфонискиот оркестар од овој американски град под диригентската палка на Кристијан Мачелару (на програмата е Концертот за пијано и оркестар број 1 од Сергеј Рахманинов) и две вечери во Салата „Бетовен“ во Штутгарт, Германија како солист на Штутгартскиот филхармониски оркестар со маестро Јан Вилем Де Фриенд зад диригентскиот пулт (во изведбата на пијано концертот од Григ со кој Трпчески блесна придружуван и од Македонската филхармонија на незаборавниот концерт со кој нашата музичка институција го одбележа својот 80-годишен јубилеј).