АД Пошта – Скопје издаде поштенска марка со наслов „Кедев – 14 највисоки врвови“, посветена на историскиот подвиг на македонскиот алпинист и кардиолог д-р Сашко Кедев. Промоцијата на марката ќе се одржи на 2 април во 13 часот, во „Порта Македонија“.

Д-р Сашко Кедев, еден од најпознатите македонски кардиолози и врвен алпинист, на 19 мај 2009 година се искачи на највисокиот врв во светот – Монт Еверест, со што стана третиот Македонец кој го освоил. Во текот на својата алпинистичка кариера ги има искачено и Мон Блан, Матерхорн, Вајсхорн и бројни други врвови.

Историски успех постигна на 20 јули минатата година кога се искачи на Гашербрум I (8.080 м) во Пакистан. Со ова искачување Кедев стана првиот Македонец и единствен во поширокиот регион што ги освоил сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри, како и највисоките планини на сите седум континенти – подвиг познат како „Seven Summits“. Експедицијата ја предводеше тимот „Imagine Nepal“, а во составот беа и алпинисти од Кина и Непал.

Со освојувањето на Гашербрум I, д-р Кедев се вброи во светската алпинистичка елита. Меѓу освоените врвови се Еверест, К2, Канченџунга, Лоце, Макалу, Чо Оју, Даулагири, Манаслу, Нанга Парбат, Анапурна, Шишапангма, Брод Пик, Гашербрум II и Гашербрум I.

Минатата година Кедев беше одликуван со Орден „8 Септември“ од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за особен придонес во медицината и за историскиот успех во алпинизмот.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *