Од денеска до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.
По најавите за топлотниот бран што се очекува да ја зафати земјава Владата на барање на Министерството за здравство, донесе препораки во кои се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Исто така, Владата препорачува единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.