Со цел возобновување и унапредување на богатата пливачка традиција во Штип, започнува со работа нов пливачки клуб, основан и поддржан од поранешни ватерполисти, репрезентативци и пливачи: Дарко и Кирил Нашкови, Ване Маневски, Марјан Трендов и Ернест Вацев. Овие истакнати спортски имиња, со своето искуство и љубов кон спортот, се движечката сила зад новата спортска приказна во градот.

Главната цел на клубот е создавање масовност, но и квалитет во пливањето. Посебен акцент се става на најмладите и почетниците, кои преку стручен, внимателен и постепен пристап ќе го совладуваат пливањето, ќе го надминат стравот од вода и ќе ја градат својата самодоверба. Паралелно со тоа, клубот нуди и напредни категории каде што се работи на усовршување на пливачките техники и подготовка за натпреварувачко пливање. Долгорочната визија е создавање врвни спортисти кои ќе остваруваат значајни спортски резултати и достојно ќе го претставуваат Штип.

Стручната работа во клубот ќе ја водат лиценцирани професори по пливање и физичко воспитување – Ване Маневски и Ѕвонко Рунчев. Со своето професионално искуство, тие ќе работат со деца од најрана возраст, но и со пливачи од напредните категории, обезбедувајќи квалитетна, безбедна и современа тренажна програма.

Како дел од годишните активности, на крајот од учебната година предвидено е организирање натпревар за членовите на клубот, со цел проверка на стекнатите знаења и мотивирање на младите пливачи. Дополнително, по повод Денот на градот Штип, планирано е организирање пливачки турнир на кој ќе учествуваат сите три пливачки клубови од градот, што ќе придонесе за развој на спортскиот дух и меѓуклубската соработка.

Инаку, Штип е град со длабоки корени во пливањето уште од далечната 1952 година, кога на поранешниот градски базен континуирано се одржувале тренинзи и натпревари. Од тие генерации произлегле бројни успешни пливачи, учесници на маратони, како и на домашни и меѓународни натпреварувања, што ја потврдува силната пливачка традиција на градот.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *