Штипјанецот и истакнат македонски хемичар проф. д-р Панче Наумов е избран за член на Европската академија на науките (European Academy of Sciences) во Одделението за хемија, со што уште еднаш се афирмира Штип како град со врвни научници со светска репутација.
Наумов, е роден во 1975 година во Штип, токму во својот роден град го завршил основното и средното гимназиско образование, по што неговиот академски пат го продолжил на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таму дипломирал во 1997 година како најдобар студент во генерацијата, под менторство на проф. д-р Глигор Јовановски.
Во 2022 година, штипјанецот Наумов беше избран за член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а се наоѓа и на престижната листа на 2 отсто највлијателни научници во светот, што ја објавува Универзитетот „Стенфорд“.
За членство во Европската академија на науките бил номиниран од добитникот на Нобеловата награда за хемија, проф. Омар Јаги од Универзитетот „Нортвестерн“ во САД, со поддршка од научници од Франција и Финска, пренесе МИА.
Панче Наумов е насловен вонреден професор на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, а неговиот избор во Европската академија на науките претставува голем успех не само за македонската наука, туку и посебна гордост за Штип и за штипјанци.

