Македонските граѓани кои пазаруваат преку интернет најмногу нарачуваат облека, обувки и модни додатоци, а често плаќаат и интернет и мобилни услуги онлајн. Ова го покажува прегледот за е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година на Асоцијацијата за е-трговија, базиран и на податоци од Евростат.

Според анализата, 63,2% од интернет-корисниците во земјава купуваат онлајн — повеќе од повеќето соседни земји, но под европскиот просек од 76,6%. Дури 74% од купувачите избираат модни производи, што ја прави оваа категорија убедливо најпопуларна.

Купувањето други производи останува ограничено: 25,3% купуваат спортска опрема, 21,8% козметика, а значително помалку се нарачуваат електроника, храна и средства за домаќинство.

Во делот на услугите, 44,1% од онлајн-купувачите плаќаат интернет или мобилни услуги, а 33,7% комунални сметки — значително над европскиот просек. Сепак, претплатите за дигитални содржини се ретки.

Податоците покажуваат дека е-трговијата расте, но навиките на македонските купувачи и понатаму се насочени кон мода и услуги, додека останатите категории имаат простор за поголем развој.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *