Традиционалниот новогодишен концерт на Државниот музички училишен центар “Сергеј Михајлов” во Штип оваа година ќе се одржи на 24 и 25 декември, со почеток во 20:00 часот. Концертот е во завршна фаза на подготовка, а директорот Илија Ќосевски потврдува дека ова ќе биде еден од најспецијалните настапи досега. За првпат, концертот ќе се изведе во два дена а на настапот ќе учествуваат повеќе од 250 ученици од основното и средното музичко образование.

Во врска со новогодишниот концерт, и најавените јубилеи наредната 2025 година разговаравме со директорот на училиштето Илија Ќосевски

ANGELSFM: Дали е се подготвено за Новогодишниот концерт и што може да очекува штипската јавност?

Илија Ќосевски: Веќе сме во завршни подготовки, овие денови посветуваме најмногу внимание за Традиционалниот новогодишен концерт кој го припремаме во текот на целата година. Ќе учествуваат над 250 ученици од основното и средно музичко образование, ќе настапуваат хорот и оркестарот од основното и средно училиште, но свој настап ќе има и народниот оркестар. На Новогодишниот концерт ќе настапи и дуото Петар Трбојевиќ и Елена Ефремова со своја соло точка со која настапија во Њујорк САД. Убаво е штипската јавност да биде присутна.

АNGELSFM: Годинава се променети и термините на концертот?

Илија Ќосевски:Така е одлучивме да ги одржиме во два дена односно на 24 и 25 декември. Изминатите години два концерти организиравме во еден ден но оваа година ќе биде поинаку. Нема да има никаква разлика и двата дена концертите ќе бидат буквално исти.

АNGELSFM: Наредната година ќе има и два јубилеи?

АNGELSFM: Станува збор за 100 годишнината од првата опера во Штип и во Македонија одржана во далечната 1925  од страна на Сергеј Михајлов со наслов „Паљачи“  Одбележуваме и  50 години од смртта на Сергеј Михајлов. Наредната година планираме да орагнизираме и концерт посветен на 40 години Макфест каде во живо ќе бидат изведени најголемите хитови, евергрини и победници.

Со овие важни настани, новогодишниот концерт и планираните јубилеи ќе ја збогатат културната понуда на Штип и ќе ја потсетат јавноста на важноста на музичкото наследство и традиција на регионот.

 

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *