Од денеска па сè до петок, во попладневните и вечерните часови се очекува нестабилно време на повеќе места низ државата, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Најавени се пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално се можни и услови за невреме со изолирана појава на град.
Од УХМР апелираат граѓаните редовно да ги следат метео-известувањата и да ги почитуваат препораките.
– Секојдневно ќе ја ажурираме прогнозата на нашата веб-страница и профилите на социјалните мрежи. Во случај на влошување, навремено ќе биде издадено предупредување – додаваат од Управата.
Во текот на викендот, времето ќе биде стабилно, малку посвежо, со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со пораст на температурите.