Потреба или озборувачка забава преку телефон?! Како и да е, граѓаните на Македонија, независно дали в рака држат сопствен или телефон на фирма, дали зборуваат приватно или склучуваат бизнис-зделки, или решаваат итни ситуации како пожари – за три месеци потрошиле 1.327.208.067 минути или нешто над 22 милиони часа со мобилен телефон в рака. Зборувајќи на фиксна мрежа, пак, претплатниците потрошиле 15.297.096 минути, или речиси 255.000 саати. Значи, за три месеци во разни видови телефонски разговори граѓаните и фирмите потрошиле вкупно 22,4 милиони саати, покажува извештајот за првиот квартал што го објави Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Ако оваа бројка се спореди со населението, во просек секој еден – од бебе до највозрасен човек – поминал на телефон по 12 часа за 3 месеци, или по 4 часа месечно. Секако, бебињата не зборуваат, но факт е дека сè помлади деца користат телефон.
ИМА ПОВЕЌЕ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ОД БРОЈ НА ЖИТЕЛИ
Според податоците од АЕК, во првиот квартал од годинава имало 1.941.996 претплатници во мобилната телефонија. Според Државниот завод за статистика, на 31.12.2024 година процената за бројот на населението е 1.822.612 жители, што значи дека бројот на населението е помал од бројот на претплатници во мобилната телефонија.
Во државата има и над 450.000 фиксни телефонски линии. Речиси сите компании вообичаено сè уште имаат и фиксни телефони, но и помал дел од повозрасните граѓани сè уште знаат да се држат до она што им е познато – фиксната телефонска линија. Сепак, за разлика од порано, кога телефонските оператори во пакетите за физички лица ги ставаа и фиксните линии, па и фиксни телефонски апарати (гратис), такво нешто сега нема. Комбинации со фиксни телефони се нудат за правни лица.