Македонија се соочува со екстремен топлотен бран, со температури кои достигнуваат и надминуваат 40 степени Целзиусови. Според најавите од УХМР, топлотниот бран ќе трае до 26 јули.

Имајќи го предвид сериозниот ризик по здравјето на граѓаните, особено кај ранливите категории, Владата прогласи вонредна состојба и на предлог на Министерството за здравство усвои дополнителни препораки за работодавачите, кои се во сила од 23 до 26 јули 2025 година:

Се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години.

Каде што е возможно, да се овозможи работа од далечина, флексибилно или двократно работно време.

Овие препораки не се однесуваат на вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални служби.

Активирање на протоколи за работа во вонредни услови во сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции.

Колку се почитуваат овие мерки на терен?

Енџелс ФМ денеска побара информација од Државниот инспекторат за труд и секторот за безбедност и здравје при работа за тоа колку се почитуваат овие препораки.

Од таму информираат дека инспекциските служби се постојано на терен, особено откако е прогласена вонредната состојба. Најчесто контролите се вршат во конфекциските фабрики, како и кај градежните работници и други работници кои се изложени на работа на отворено.

Во случаи на непочитување на препораките, инспекциските служби издаваат казни, платни налози, а во потешки случаи може да се изрече и забрана за работа. Министерството за здравство најавува дека ќе продолжи со дневен мониторинг на состојбата и навремено ќе реагира според проценките и потребите.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *