Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против компанијата „Монделез“, во ккоја го обвинува дека го намалил пакувањето на чоколадните плочки „Милка“ од 100 на 90 грама, но не и нивната цена.

Регионалниот суд во Бремен потврди за медиумите дека тужбата ја поднело здружението за заштита на потрошувачите во Хамбург.

– Многу потрошувачи со години купуваат „Милка“ во исто пакување и претпоставуваат дека масата на производот не се променила. Тие се жртви на  измама бидејќи повеќето варијации на чоколадото сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока – изјави Армин Валет од здружението.

Намалувањето е речиси незабележливо, па самото чоколадо е за милиметар потенко, со ист дизајн и пакување. Новата маса е прикажана на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е наведена со ситни букви и е замаглена на полиците во супермаркетите.

Регулаторот бара појасни етикети и предупредување до потрошувачите дека пакувањето е намалено за најмалку шест мерки пред промената.

„Монделез“ ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е нивен врвен приоритет.

– Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот – изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека „Монделез“ ги информирал клиентите на социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен онлајн.

Компанијата немала избор и била принудена да ја промени грамажата поради повисоките трошоци во синџирот на снабдување и состојките – додаде портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемиле тројно во изминатата година и достигнале рекордни нивоа.

Судот ќе му даде можност на „Монделез“ да одговори на тужбата пред да одлучи дали да свика рочиште.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *