Со низа настани посветени на економската, политичката и општествената борба за рамноправност на жените, денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите за што говорат податоците дека е помал процентот на жени на раководни функции, а различно се вреднува и трудот меѓу мажите и жените за исто работно место.

Во Македонија, според податоците објавени на официјалната Фејсбук страница на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2023 година, во вкупниот број на вработени лица од 15 до 64 години повеќе застапени се мажите (56,2 проценти) во споредба со жените (43,8 проценти). Жените се најзастапени како медицински сестри, шивачки, сметководители, наставнички, економисти, продавачки и правни застапници. Помалку застапени се на работна позиција како келнер (11,9 процент) и сообраќаен полицаец (16,8 процент).

Статистичките податоци покажуваат и дека мал е бројот на жени на раководни позиции. Податоците содржани во публикацијата „Жените и мажите“ на Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупниот број работодавачи во 2021 година, само 19 проценти биле жени.

Жените исто така се значително помалку активни на пазарот на труд. Стапката на вработеност на жените во Македонија во 2021 година изнесувала 38,3 проценти, односно 55,1 процент од жените биле економски неактивни во споредба со стапката на активно учество на мажите на пазарот на труд која изнесувала 56,2 проценти, додека стапката на неактивност била 32,8 проценти.

– Мажите се речиси подеднакво застапени на пазарот на трудот во руралниот и урбаниот дел од државата, додека од вкупниот број вработени жени, значително е помал бројот на вработени во руралните средини (37 проценти), пишува во публикацијата.

Исто така, 59 проценти од неактивните жени на возраст од 20-64 години се неактивни на пазарот на труд поради извршување на семејните обврски наспроти 2,3  проценти од мажите.

Во однос на образованието, статистиката вели дека од година во година на факултетите се запишуваат повеќе жени, а поголем е бројот на жени што се запишуваат на втор и на трет степен на студии. Овој сооднос се однесува и на завршените студенти на прв, втор и трет циклус.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *