Оваа есен, Македонија го слави јубилејот 40 години од најголемиот фестивал на забавна музика – Макфест. Основан во 1986 година во Штип, кој стана вистински симбол на македонската музичка естрада.
Првиот Макфест се одржа од 20 до 22 ноември 1986 година во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Организаторите — Радио-телевизија Скопје и Општина Штип тогаш создадоа нешто што ќе прерасне во историја-фестивал на забавни мелодии во Македонија.
Првата победничка песна беше „Кога те нема“ во изведба на Хелена Благне — една од најубавите љубовни балади од тоа време, која и денес се слуша со носталгија.
Во изминатите четири децении, Макфест беше стартна рампа за многу имиња што подоцна станаа идоли на македонската сцена.
Владо Јаневски, кој првпат настапи токму на Макфест, подоцна ќе стане еден од најголемите македонски баладери.
Калиопи, Елена Ристеска, Тоше Проески, Верица Пандиловска, Каролина Гочева, Ѓоко Таневски, Нокаут, Тајфата и многу други оставија длабок печат на фестивалот.
Како идеен творец на фестивалот се споменува Стојан Троицки – човекот кој со својата визија и упорност го постави темелот и долги години беше негов директор. „Легендарен долгогодишен директор“ и „човекот кој го измисли и успешно туркаше Макфест“, како што често го нарекуваат, Троицки останува запаметен како најзаслужен за тоа фестивалот да стане бренд на Штип и на Македонија. Со години наназад вљубеник во фестивалот пак, десна рака на Троицки, а подоцна и задолжен за односи со јавноста на фестивалот „Макфест“ како и негов директор во 2010-година беше Трајче Јованов, наш колега – новинар кој мораме да го споменеме во оваа прилика.
Со текот на годините, и по промените на организаторите (од РТВ Скопје и Општина Штип кон локални културни институции и приватни продуценти), форматот на фестивалот се промени. Денес, Макфест нема натпреварувачки карактер и не е во три фестивалски вечери
Факти за 40 години Макфест
Во 40 години постоење, на сцената на Макфест настапиле:
Над 1000 изведувачи
Повеќе од 1200 нови композиции
Над 200 композитори и текстописци
И повеќе од 500.000 посетители низ годините
Макфест низ времето
1986–1990: Златната ера на југословенската естрада — настапи на Кемал Монтено, Љупка Димитровска, Бисера Велетанлиќ, Зорица Конџа.
1990-тите: Преод кон македонската самостојна сцена; силни години со нови македонски автори и поп-идоли.
2000-тите: Телевизиски спектакли и модерна продукција.
2010-тите и 2020-тите: Нови генерации, фузија на стилови и дигитално присуство преку YouTube и социјални мрежи.
Со своето членство во ФИДОФ (Светската федерација на фестивалски организации), фестивалот доби и меѓународна афирмација, претставувајќи ја Македонија на сцените во Белорусија, Русија, Египет, Турција, Ирска, Романија, Франција и други земји.Во времето на поранешна Југославија, „Макфест“ беше интернационален фестивал со бројни настапи на познати странски изведувачи. По осамостојувањето на Македонија, прерасна во најголем домашен музички бренд и единствен промотор на македонската музика во странство.

