Прекрасен концерт одржа маестро Симон Трпчески во Будимпешта, со симфонискиот оркестар на Унгарското радио, под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Фрица. Тоа го изведоа Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс во првиот дел од вечерта, во свечената сала на Музичката академија „Франц Лист“. Трпчески вели дека чувствувал голема одговорност бидејќи станува збор за едно од најсложените дела во творештвото на Брамс.
– И имав чест да го изведувам токму во градот каде што беше и светската премиера на ова дело. Будимпешта толку многу зрачи со уметност. Воопшто Унгарија е една земја со богата култура и историја – рече Трпчески. На крајот на својот настап, Трпчески ù подари на публиката македонска композиција.
– Изведов дел од „Македонисимо“, поточно „Пиперковото оро“. Секогаш сакам да презентирам нешто наше, заради тоа што сум горд на она што го имаме, како ризница, фолклорно богатство, како земја, како Македонија. Публиката имаше можност да слушне унгарска народна музика преку „Концертот“ на Брамс, така што направив една поврзаност, и изведов и македонска композиција – вели Трпчески.
Трпчески додаде дека му е посебно мило што овој концерт се случи токму во време на претседавањето на Унгарија со Европската Унија.
– Мило ми е што на овој начин ние, како Македонци, можевме да се претставиме на највисоко ниво и во присуство на официјалниот претставник на Владата. На концертот во Будимпешта имавме и неколку други Македонци коишто ме поздравија во ходникот после настапот. Навистина беше еден многу убав момент и за мене гордост. Ова е една убава културна соработка, помеѓу Македонија и Унгарија, и ќе придонесе за развивање на понатамошните односи“ – рече Трпчески.


