Давид Темелков на 19 март ќе се претстави пред домашната публика со својот прв солистички концерт во Македонија. Настанот ќе се одржи во Македонскиот народен театар во Скопје, со почеток во 20 часот.
Темелков поширока регионална популарност стекна во 2015 година, кога учествуваше во втората сезона од музичкото шоу „Икс фактор“, една година по победата на Даниел Кајмакоски во финалето во Белград.
Тој е дипломиран соло-пејач на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а по студиите се пресели во Хрватска, каде што активно настапува и гради кариера. Песната „Мојата Македонија“ се смета за негово најпрепознатливо дело. Во октомври 2025 година го објави синглот „Слушај животот штом диктира“, со кој го најави својот втор студиски албум, замислен како целосно кантавторски проект.
Билетите за концертот се достапни преку продажната мрежа на seats.tix.mk.
