Со богата и внимателно осмислена програма, традиционалниот новогодишен концерт на Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип уште еднаш ја воодушеви штипската публика. По 14-ти пат, учениците од основното и средното музичко училиште се претставија со извонредни настапи, потврдувајќи го високиот квалитет на музичкото образование и посветеноста на професорскиот кадар.
Концертот започна во празничен дух со настап на најмладите ученици, кои изведоа новогодишни песни и внесоа топлина и радост во салата. Особено внимание привлече изведбата на неколку безвременски хитови од фестивалот „Макфест“, кои предизвикаа носталгија и силни аплаузи од публиката.
Настанот се реализираше во текот на два дена, со вкупно три концерти, на кои се претставија голем број ученици. Програмата беше разновидна и богата, со солистички и ансамбловски настапи, дополнети со настап на училишниот оркестар, кој внесе дополнителна уметничка димензија и динамика.
Репертоарот опфати познати композиции од класичната музика, како и дела од понови музички жанрови, што уште еднаш ја потврди разноликоста и современиот пристап во музичката едукација на училиштето. Новогодишниот концерт беше вистинска музичка приказна и празник за сите љубители на уметноста, а учениците со своите настапи заслужено добија долги и искрени аплаузи.

