Финансискиот стрес е најштетен за здравјето и општата благосостојба на поединецот, го забрзува процесот на стареење, влијае на здравствените биомаркери и има посилен ефект врз менталното здравјe. Речиси 5.000 возрасни лица на возраст од 50 и повеќе години учествуваа во британската студија, која беше спроведена од научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Кралскиот колеџ, кои истакнаа дека нивната анализа била првата што се обидела да истражи како се поврзани различните видови на хроничен стрес на показателите за здравјето во постара возраст.

Студијата покажа дека испитаниците кои биле под стрес само поради нивната финансиска состојба имале 60 отсто поголеми шанси да развијат здравствен профил со висок ризик по четири години. За секоја дополнителна стресна ситуација, како што е разводот, таа веројатност скокнала за дополнителни 19 проценти. Набљудуваната врска остана без оглед на генетиката, социоекономските ефекти, возраста или полот на испитаниците или нивниот начин на живот.
Студијата исто така покажа дека финансискиот стрес, тешката загуба и долготрајната болест најсилно влијаеле на промените во имунолошките и невроендокрините биомаркери, што укажува на континуиран физички ефект на хроничен стрес. Друг заклучок на британските научници е дека хроничниот стрес може да предизвика хормонални промени и реакции, што може да влијае на влошување на физичките и психичките здравствени проблеми.

