Виничанката Јана Тасева на 14 годишна возраст музиката ја води низ еден предизвикувачки момент.. На 25 и 26 април ќе се претстави со две македонски песни на Интернационалниот натпревар во Белград. Инаку, Јана е член на “Mozzartino vocal stars” на чело со професор Гоце Данилов кој им дава поддршка и надеж на идните музичари.
AngelsFm: Станува збор за големо искуство, искуство кое ти носи предизвик. Како течат подготовките?
ЈанаТасева: Навистина станува збор за големо искуство кое за мене претставува огромна чест и предизвик. Подготовките течат интензивно, работам со мојот наставник по клавир и пеење Гоце Данилов. Сакам да го дадам најдоброто од себе и да оставам впечаток со мојот настап. Ова е шанса што многу ми значи и се трудам максимално да бидам подготвена.
AngelsFm: Со кои песни ќе настапиш на Интернационалниот натпревар во Белград кој ќе се оддржи на 25 и 26 април?
ЈанаТасева: Ќе настапам со песните “Никогаш не вели никогаш” – Антониа Гиговска и “Ако згрешам нека изгорам”- Пепи Бафтировски во изведба на Каролина Гочева. Сакам да ја претставам Македонија во најубаво можно светло. Преку мојот настап, сакам да покажам дека ние сме горди на нашето потекло, дека знаеме да се бориме и дека имаме глас кој заслужува да се слушне.
AngelsFm: Дали музиката ќе биде твоја водилка низ животот?
ЈанаТасева: Да, музиката секогаш била и ќе остане мојата најголема водилка. Таа е начин на изразување, утеха, инспирација и сила во секој момент од животот. Преку музиката се поврзувам со луѓето, ја покажувам мојата емоција и мојот идентитет. Не можам да го замислам својот живот без неа.
И посакуваме на Јана многу успеси во иднина, стискаме палци за освоено место на Интернационалниот натпревар во Белград.