„Имако Вино – македонска винска приказна со светски квалитет“
Македонија можеби е мала земја по територија, но е голема по квалитетот на виното што го произведува и одамна го зазема своето место на светската винска мапа. Винаријата Имако–Штип е еден од најдобрите примери за тоа како традицијата, модерниот пристап и автентичната приказна можат да создадат вина што се препознатливи и дома и надвор од границите.
Во денешното интервју сакаме одблиску да ги запознаеме слушателите на ANGELS FM со оваа успешна приказна.
Нашиот тим беше во посета на Имако, каде што се запознавме со винаријата, а поводот беше уште поголем бидејќи овој празничен викенд посетителите на Angels Cafe ќе имаат можност да уживаат во врвните вкусови на вината од ИМАКО ВИНО ВИНАРИЈАТА.
Интервју со Никола Љуботенски генерален менаџер на винаријата Имако Вино

Angels FM: Што ја прави соработката меѓу ИМАКО ВИНО и Angels Cafe посебна?
Никола Љуботенски: Овогодишната празнична соработка со Angels Cafe ја договоривме со цел да промовираме неколку наши вина. Станува збор за вина од колекцијата Estate, кои се произведени од лозовите насади над винаријата Имако Вино – свежи и ароматични вина, како и од колекцијата Constellation, која опфаќа барикирани бели и црвени вина одлежани 10–12 месеци во француски даб. Дополнително, за првпат во Angels Cafe го промовираме и новото пенливо вино Fama.
Angels FM: Кои се посебните вкусови во кои ќе уживаат посетителите на Angels Cafe?
Никола Љуботенски: Во рамки на програмата ќе бидат достапни Pinot Grigio, крцкаво, бело и свежо вино, како и Temjanika, едно од најомилените вина на целиот Балкан.
Од барикираните вина го издвојуваме Sauvignon Blanc Fumé, кое одлежува 10 месеци во буре и претставува еден од најкомплексните процеси во производството на бело вино.
Од црвените вина ќе бидат застапени Pinot Noir, свежо, лесно и овошно вино, класичниот Vranec, како и барикираниот Vranec, добитник на наградата за најдобар Vranec во Македонија, во конкуренција од 22 вина од целиот Балкан. Дополнително, ќе биде достапно и Cuvée – Cabernet Sauvignon, Merlot и Vranec.

Angels FM: Од неодамна имате и нов дизајн. Од каде идејата и инспирацијата, и дали има порака?
Никола Љуботенски: Инспирацијата за Estate колекцијата на свежи вина е безвременско дизајнерско решение на етикетата, каде што уметнички е прикажано I V – ИМАКО ВИНО во ѕвездеста форма. Делото е на многу познат бугарски дизајнер и не само што го збогатува изгледот на шишето, туку ја раскажува и приказната за Estate – вина што доаѓаат директно од поднебјето на винаријата. Во светски рамки, Estate значи ексклузивност, бидејќи виното се произведува на многу кратка оддалеченост од местото каде што се одгледува и преработува грозјето.
Дизајнот на Constellation е дело на наш познат штипјанец кој подолг период живее во Шангај, а го создадовме заеднички.

Angels FM: За првпат на пазарот имате и вегански сертифицирано вино?
Никола Љуботенски: Првото вино во Македонија кое е вегански сертифицирано е Estate Temjanika. Идејата потекна од нашите бизнис-партнери од Велика Британија. Станува збор за вино кај кое во процесот на производство се користат исклучиво производи од растително потекло.

Angels FM: Од кога постои винаријата?
Имако постои од 1989 година, а континуираниот раст започнува од 2002 година и трае до денес. Имако Вино е една од најголемите винарски визби во Македонија, со годишно производство од над 10 милиони литри вино и сопствени лозови насади на површина од над 650 хектари. Винаријата произведува вина од автохтони и интернационални сорти на грозје. Како резултат на нова инвестиција во модерна дестилерија, портфолиото е проширено со асортиман на ракии и жестоки пијалаци. Имако Вино е застапено во 25 држави ширум светот.
Angels FM: За крај, која е вашата препорака кога сме во дилема при избор на добро вино?
Никола Љуботенски: Најважно е луѓето да го слушаат сопствениот вкус. Доколку сакаат свежина и леснотија, белите вина и розето се одличен избор. Ако пак бараат подлабоко и потопло чувство, црвените вина се вистинската насока. Виното треба да одговара на моментот – без разлика дали станува збор за разговор со пријатели, празнична вечер или тивок момент за уживање. Во Angels Cafe, гостите имаат можност да експериментираат и да откријат што навистина им одговара.

