„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете…
Кон книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се осврнаа промоторката Татјана Алексиќ и уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Ова е петта книга на Зоран Спасов Sоф во издание на „Арс Ламина“, по хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во своето обраќање Ѕоф истакна дека Сирма е всушност симбол за Македонија, а „И јас сум Сирма“ е приказна за Македонија.Одамна имал желба да напише книга за Сирма Војвода, која ја смета за олицетворение на непокор, рамо до рамо со Роза Луксембург, Клара Цеткин, или Милунка Савиќ. Според него Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична судбината на Македонија. Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова истакна дека „И јас сум Сирма“ е најамбициозното дело на Зоран Спасов Ѕоф досега. Станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перципира како хибрид, фрагментарен роман или пак, како збирка раскази што може да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија.
Специјална гостинка на настанот беше младата актерка Јована Спасиќ, која беше во улога на Сирма. Со доза на драматичност, хумор и сарказам таа ја „оживеа“ Сирма на бината во денсинг-салата на МКЦ, претставувајќи ја истовремено нејзината храброст и сила, но и нежност и убавина. По промоцијата, забавата продолжи со настап на „Сирма rock’n’roll бенд“, кој изведе познати рок и поп-нумери од домашната и светската сцена.
Како што беше случајот со претходните книги, така и со новата – заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“, Ѕоф ќе ја донира во хумани цели. Вчера на Детската клиника во Скопје беше отворена библиотеката „Соба на бајките“ – донација на Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на претходната хит-книга на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во библиотеката се застапени околу 100 книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик. Со оваа донација Ѕоф и „Арс Ламина“ ја продолжуваат заедничката мисија да им помогнат на најранливите категории, особено на децата.


