Google Flights ветува дека ќе ги пронајде за вас најсоодветните евтини летови, секако ако сте подготвени да жртвувате малку од комфорот. Дали ова ќе се оствари? Ќе дознаеме за недела-две…
Google Flights дебитираше во 2013 година, но оттогаш до денес баш и не може да се пофали со некој особен успех. Корисниците кои пребаруваат за евтини авионски летови на интернет, сепак претпочитаат да користат други платформи од типот на Skyscanner, Kayak, Hopper или Momondo, кои се сметаат за подобри во изнаоѓањето решенија од овој тип. Но, новиот Google Flights, што се очекува да стане достапен за сите за две недели, може да го промени ова.
Новиот таб Cheapest (Најевтини) на Google Flights ветува дека ќе го олесни пронаоѓањето на евтини летови, што ќе се покаже особено корисно за оние кои се подготвени да жртвуваат дел од удобноста за да заштедат некој денар, па попрво ќе одберат летови со подолги паузи или полетување/слетување од помали аеродроми. Google исто така ви овозможува да гледате опции од сајтовите на трети страни, кои можат да понудат уште поповолни цени од оние што ги нудат самите авиокомпании.
Конечно, благодарение на прегледникот за датуми и графиконот на цени, Flights овозможува јасно да го видите трендот на цените со текот на времето, нудејќи прогнози за најзгодните периоди за летање.