Музичарот Гаро Тавитјан Јуниор влезе во најголемата светска дигитална енциклопедија на тапанари „Драмерворлд“ и неговите видеа се објавуваат на светскиот форум на „Драмерворлд“, која важи за најзначајната институција за тапанари.

„Кога разбрав дека одлучиле да ме стават во најголемата светска листа на тапанари, бев навистина позитивно изненаден и почестен. Иако зад мене се скоро три децении активна работа, проекти, снимања и интернационални настапи, сепак, ваквото признание многу ми значи бидејќи на листата се најголемите светски тапанари, кои се идоли на неколку генерации во светот, како Били Кобем, Дејв Векл, Вини Колаиута, Ринго Стар од ‘Битлс’, Чарли Вотс од ‘Ролинг стоунс’, Роџер Тејлор од ‘Квин’, Нико МекБрејн од ‘Ајрон мејдн’, Ларс Улрих од ‘Металика’, Мет Сорум од ‘Ганс ен роузис’, Ијан Пејс од  ‘Дип парпл’ и Џон Бонам од ‘Лед цепелин’. Не ми беше важно дека сум првиот кој постигна договор со осум од најлегендарните светски компании за тапани како заштитно лице и нивни артист за сите континенти, туку ми беше важно да отворам визии, идеи и пат и за други колеги и да се промовираат нашите земја и култура. Оваа светски најреномирана енциклопедија, како и другите институции, се предизвик кои ми помагаат да научам што повеќе можам за сите овие процеси и да осознавам нови светови и принципи на дејствување, во кои откривам висок степен на етика, почит и високо морални културолошки вредности. Уметноста веќе има свој јазик со невербални дијалекти и комуникациски вештини кои се базираат на необјаснивото со зборови и е поврзано со интуиција, длабоко поимување и чувствување“, ни рече Гаро Тавитјан.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *