Американското списание „Форбс“ ја објави годишната листа на 100-те најмоќни жени во светот за 2025 година, на чело со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа е првата жена на оваа позиција, одговорна за законодавство кое влијае на повеќе од 450 милиони Европејци.
На второто место се најде претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, додека премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, е трета. Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, е на четвртото место, а мексиканската претседателка Клаудиа Шајнбаум е петта. Меѓу Топ десет најмоќни жени се и извршната директорка на Џенерал Моторс, Марија Бара, и извршната директорка на „Сити“, Џејн Фрејзер.
Во листата се најдоа и значајни лидери од бизнисот и културата, како извршната потпретседателка и финансиска директорка на „Мајкрософт“ Ејми Худ, генералната директорка на ММФ Кристалина Георгиева, претседателката и главна оперативна директорка на „Спејс Екс“ Гвин Шотвел, поп-ѕвездата Тејлор Свифт и индиската министерката за финансии Нирмала Ситараман.
Меѓу 100-те најмоќни жени се и легендарната ТВ водителка Опра Винфри, копретседателката на „Волт Дизни“ Дана Волден, британската министерка за финансии Рејчел Ривс, извршната директорка на кинеската компанија JD.com Сенди Ран Су, претседателката на њујоршката берза Лин Мартин, извршната директорка на „Водафон“ Маргарита Дела Вале и главната директорка за содржини на „Нетфликс“, Бела Бахарија.
Листата вклучува и извршната директорка на „Фокс њуз“, Сузан Скот, финансиската директорка на „Дојче Фокс груп“, Мелани Крајс, старлетата и бизнисменка Ким Кардашијан, премиерката на Конго, Џудит Суминва Тулука, премиерката на Данска Мета Фредериксен и премиерката на Барбадос, Миа Мотли.
На последното место се најдоа хероините од анимираната серија „KPop Demon Hunters“, копродукција на „Нетфликс“ и „Сони Рекордс“, која стана најпопуларен филм на „Нетфликс“ со повеќе од 325 милиони прегледи до декември 2025 година.
Листата на „Форбс“, која се објавува по 22-ри пат, се базира на четири главни критериуми: финансиска моќ, медиумско присуство, влијание и сфера на влијание.

