15 милиони денари од општинскиот буџет за ФК Брегалница – Советот на Општина Штип одлучува во среда
Нови 15 милиони денари од општинскиот буџет, односно пари на граѓаните треба да му бидат доделени на Фудбалскиот клуб Брегалница. Предлог-одлуката ќе се најде на дневен ред на седницата на Советот на Општина Штип, која ќе се одржи во среда.
Барањето е доставено од самиот клуб директно до градоначалникот со образложение дека средствата се потребни за континуирано функционирање и подмирување на тековните трошоци.
Пропадна најавената „нова ера“?
За потсетување, минатата година Општина Штип и раководството на клубот јавно се пофалија со нов сопственик од Турција, најавувајќи почеток на „нова ера“ за штипскиот прволигаш. Тогаш беше соопштено дека 85% од акциите на клубот се отстапени на турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, поранешен кошаркарски репрезентативец на Турција, додека дотогашниот сопственик Кирил Гогов ги отстапи своите акции.
Според тогашните најави, целта на новото раководство беше финансиска стабилизација на Брегалница, враќање во македонската Прва лига и борба за врвот. Беше договорено клучен дел од играчкиот кадар и стручниот штаб да останат локални, а Општина Штип да престане со финансирање на сениорскиот тим, обезбедувајќи поддршка исклучиво за младинските категории.Очекуваниот годишен буџет на клубот беше најавен на околу еден милион евра, што требаше да донесе стабилност и квалитетни засилувања. Како дел од плановите беа споменати и кадровски решенија – Влатко Костов како шеф на стручниот штаб и Димитар Маџунаров како одговорен за младинската академија.

Во меѓувреме, во последниот преоден рок неколку фудбалери го напуштија клубот, што дополнително ја отвори дилемата околу стабилноста на играчкиот кадар и реализацијата на најавените планови. Дел од заминувањата се случија во период кога се очекуваше засилување и консолидирање на тимот, што остави простор за прашања за внатрешната организација и финансиската состојба на клубот.

