Штип овој викенд ќе биде домаќин на третиот Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“
На фестивалот ќе настапат млади пијанисти – победници на интернационални пијанистички натпревари, а воедно и прворангирани во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ – натпревар на кој зедоа учество пијанисти од околу 50 држави. Пијанистите кои ќе настапат се избрани од стручно жири составено од меѓународно докажани пијанисти и педагози по пијано. Во склоп на фестивалот ќе се одржи и концерт на наградените пијанисти од нашата држава.
Вкупно, на сцената во уметничката галерија „Безистен “ќе настапат 45 пијанисти и публиката ќе може да ужива во нивните беспрекорни интерпретации.
Со еден збор, Штип ќе биде светски центар на пијанизмот овој викенд и ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на исто место. Фестивалот ќе биде големо освежување во музичката уметност не само во нашата земја, туку и пошироко. Веќе има најавено гости од 15 држави.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат пет соло рецитали и два заеднички концерти: на победниците во различни категории и на македонските наградени пијанисти.
Организатор на фестивалот “Golden Piano Talents’ e „Интернационалното Здружение за културен развој и едукација – Арт Фест“.
Претседателот на здружението М-р Марија Максимова вели дека: “Основната идеја за организација на фестивал од ваков тип беше да направиме музички настан на интернационално ниво со што би ја приближиле публиката до класичната музика, односно да го приближиме светското музичко наследство до сите љубители на музиката преку промовирање на млади одлични пијанисти и на дела за пијано со висока уметничка вредност. Воедно, овој фестивал претставува подиум и поттик за понатамошна работа на младите пијанисти, како и дружба, мотивација и разменување на искуства меѓу пијанистите и менторите од различна возраст и националност.
извор mia.mk