Најтрофејниот македонски каратист, Емил Павлов, официјално стави крај на својата богата спортска кариера. Веста ја сподели преку емотивно видео обраќање, во кое се осврна на патот исполнет со напорна работа, победи, солзи и незаборавни моменти.

„Не е лесно да се каже збогум на нешто што било дел од твојот живот толку многу години. Денес официјално ставам крај на мојата спортска кариера – пат исполнет со многу труд, победи, солзи и незаборавни моменти,“ напиша Павлов.

Тој истакна дека за него било огромна чест да ја претставува Македонија на најголемите европски и светски натпреварувања, носејќи медали и предизвикувајќи да се слуша македонската химна во негова чест.

Во својата порака, Павлов упати благодарност до своите тренери од Карате клуб Штип, како и до Карате Федерација на Македонија за поддршката низ годините. Посебна благодарност изрази до семејството, кое, како што истакна, било неговата најголема сила во моментите на победи.

Иако се повлекува од активното натпреварување, Павлов најави дека ќе продолжи да биде дел од спортот и да служи како мотивација и инспирација за младите генерации каратисти во Македонија.

Со неговото повлекување, македонскиот спорт се збогува со еден од своите најуспешни и најпрепознатливи борци, чие наследство ќе остане силна инспирација за идните шампиони.

https://www.instagram.com/reel/DU3umT9DGgA/?igsh=d3dnY2Z0M2x6cG4%3D

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *