Денес, на 29 октомври, го одбележуваме Светскиот ден на мозочниот удар — ден посветен на подигнување на свеста за едно од најсериозните заболувања на современото време.
Мозочниот удар е водечка причина за смртност и инвалидитет во светот, а според податоците, во нашата земја годишно се регистрираат околу 5.000 нови случаи.

За тоа како да го препознаеме мозочниот удар, како да реагираме навреме и што можеме да направиме за превенција, денес разговараме со доцент д-р Елена Јовева — невролог.

Никола, AngelsFM:
Доктор Јовева, ви благодариме што денес одвоивте време по повод 29 октомври — Светскиот ден на мозочниот удар. Да започнеме со првото прашање: Колку е чест мозочниот удар во Македонија и кого најмногу погодува?

Д-р Јовева:
Денес е навистина значаен ден — Светскиот ден на мозочниот удар, и ми е чест што можам да дадам интервју. Според Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди едно лице во светот доживува мозочен удар, а на секои 40 минути едно лице умира од него. Тоа укажува на сериозноста на ситуацијата — околу 500 илјади луѓе годишно доживуваат мозочен удар. Според статистиката, во Македонија на 100 илјади жители, секое петто до шесто лице има мозочен удар. Тоа значи дека преваленцата постојано се зголемува, а истовремено се намалува возрасната граница.

Никола, AngelsFM:
Какво заболување претставува мозочниот удар?

Д-р Јовева:
Мозочниот удар е нарушување на мозочното крвоснабдување, при што доаѓа до оштетување на мозочното ткиво. Најчесто се јавува поради тромбоза, емболија или спазам, а понекогаш и поради крварење на артериски крвен сад. Сето тоа доведува до оштетување на одредена регија на мозокот.
Како резултат на тоа се појавуваат различни симптоми, зависно од локализацијата на оштетувањето: отежнат говор, нарушена координација, конфузија, асиметрија на лицето, слабост на рака или нога, отежнато одење и проблеми со видот.
Симптомите се бројни, но најважно е тие брзо да се препознаат.

Никола, AngelsFM:
Кои се најчестите причини за мозочен удар?

Д-р Јовева:
Најчесто се работи за кардиоваскуларни ризик-фактори, кои можат да бидат модифицирачки и немодифицирачки.
Од немодифицирачките, важно е да се истакне дека полот игра улога — мажите почесто се погодени, најмногу во возрасната група од 60 до 69 години, со пик околу 55 години. Важна е и фамилијарната анамнеза.

Од ризик-факторите што можеме да ги промениме се: висок крвен притисок, алкохол, пушење, покачен шеќер и масти во крвта. Овие фактори можат да се регулираат, односно да се превенира појавата на мозочен удар.
Се смета дека околу 80% од кардиоваскуларните болести можат да се превенираат — што значи дека треба да се посвети сериозно внимание на здравиот животен стил.

Исто така, доколку се појават симптоми како гадење, повраќање, вртоглавица или силна главоболка, особено кај млади пациенти, се препорачува итно да се јават во невролошка амбуланта за преглед и опсервација.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *