Шпанија се подготвува за божиќните празници, но со подеднаква возбуда и за најбогатата лотарија на светот наречена Ел Гордо.
Долги редици се формираат пред киосците ширум Шпанија ден пред божиќното извлекување на лотаријата на 22 декември, во кое традиционално учествуваат деца од училиштето Сан Илдефонсо, поранешен дом за сираци, кои со песна ги прогласуваат победниците и наградите.
Голема традиција е да се купат и да им се подарат на членовите на семејството, пријателите и колегите билетите наречени децимо (десетинки), кои чинат по 20 евра.
Вкупниот награден фонд на популарната државна лотарија е 2,59 милијарди евра, но добивките се поделени на стотици мали добивки.
Извлечените бројки на тој начин можат да донесат од 20 евра – што значи дека победникот ги вратил вложените пари – до 400.000 евра, што е износот на најголемата награда наречена Ел Гордо, која ја добиваат илјадници среќници кои купиле билет со ист број.
Другите лотарии ширум светот имаат многу поголем индивидуален џекпот, но Шпанската Божиќна лотарија има најголема вкупна сума пари во наградниот фонд.
Извлекувањето, кое започнува во Мадрид, Театро Реал во петок во 9 часот, трае четири часа и ги држи Шпанците залепени за ТВ екраните, компјутерите или радијата.
Божиќната лотарија е вистинско богатство за создавање топли човечки приказни, како онаа од 2017 година, кога 22 вработени од пензионерски дом во сиромашно гратче славеа затоа што секој од нив имал барем по една децимо со награда од 400.000 евра.
Билетите се пуштени во продажба од јули и многу Шпанци ги купуваат додека се на одмор. Според статистичките податоци, Шпанците трошат просечно 67,11 евра за билети за божиќната лотарија, која континуирано се одржува од 1892 година. Дури ни Шпанската граѓанска војна (1936-1939) не ја наруши традицијата.