Андреј Ал-Асади е овогодинешниот добитник на престижната награда за најдобра поема „Григор Прличев“ за делото „Никогаш пред ил’ потем“, избрано под шифрата „Хидаспес“.
Добитник е и на наградата „Енхалон“, а неговите прозни дела, како „Друго минато“ (награда „Новите“, 2018) и „Утрото на бессоните“ (2021), ја дополнуваат неговата книжевна репутација. Ал-Асади учествувал на значајни поетски фестивали, како „Поетска ноќ во Велестово“, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас и „Стих у регији“ во Загреб.
Поемата „Никогаш пред ил’ потем“ едногласно беше прогласена за победник од Комисијата, која ја истакна нејзината оригиналност и лирска сила. Наградата ќе му биде врачена во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, што традиционално се одржува во февруари, по повод годишнината од смртта на Григор Прличев, охридскиот Хомер.