Пештерата Пешна е еден од најимпресивните природни локалитети во Македонија, прогласена за споменик на културата. Се наоѓа на околу шест километри од градот Македонски Брод и е позната по својот огромен отвор – според спелеолозите, Пешна има најголем отвор на Балканот со висина од 40 метри и широчина од 56 метри, додека нејзината должина изнесува 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а живеат и лилјаци, што ја прави уникатна и од биолошки аспект. За нејзината величественост, New York Times ја споредил со „Helms Deep“ од „Господарот на прстените“.
Од крајниот северен дел на пештерата, по обилни дождови и топење на снегот, избива силен вруток, кој во сувите периоди целосно пресушува. Локалното население верува дека водата понира од селото Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, формирајќи неколку езерца и водопади во најголемиот пештерски систем во земјата, кој според претпоставки може да биде долг и до десет километри.
Покрај природната убавина, Пешна е значајна и од историски аспект. На влезот на пештерата се наоѓаат остатоци од средновековна тврдина и воденица, кои се поврзуваат со локалитетот „Девини кули“. Според легендите, на овие тврдини живееле сестрите на Крале Марко. Пешната е регистрирана и како локалитет од доцноантичкиот период, а пред самиот влез е откриена античка гробница со свод од тули, што дополнително ја збогатува нејзината историска и културна вредност.
Пештерата Пешна претставува совршена комбинација на природна убавина и историја, што ја прави една од најзначајните атракции во Македонија за љубителите на природа, историја и авантура.

Новинар Никола.А

