Желките од островот Голем Град во Преспанското Езеро повторно се најдоа во центарот на светското внимание, откако влијателниот американски весник The New York Times објави текст за нивната необична популација и неизвесната иднина. Написот се темели на најновото истражување на македонскиот херпетолог Dragan Arsovski, публикувано во престижното научно списание Ecology Letters.
На островот живеат околу 1.000 шумски желки — бројка што на прв поглед укажува на стабилна популација. Сепак, научниците откриваат сериозен проблем: екстремно нарушен полов сооднос. На една возрасна женка има дури 19 мажјаци, дисбаланс што создава силна конкуренција и агресивно однесување.
Мажјаците постојано се обидуваат да се парат, понекогаш и меѓусебно, додека женките се под постојан прогон, стрес и физички повреди. Во обид да избегаат од агресијата, дел од нив паѓаат од стрмните карпи на островот и трагично го губат животот.
Причините за ваквата состојба сè уште не се целосно утврдени. Ако трендот продолжи, научните модели предвидуваат дека последната женка на Голем Град би можела да исчезне до 2083 година.
Останува и уште една енигма: како желките стигнале на островот, бидејќи не се способни да го препливаат езерото. Една од теориите вели дека биле донесени од луѓе, можеби со веќе нарушен полов сооднос. Дополнителна мистерија претставуваат врежаните бројки на оклопите на најстарите мажјаци, што може да укажува на човечка интервенција.
Фактот што токму The New York Times пишува за оваа природна појава покажува дека мал остров во Преспа крие приказна од глобално значење — научна, еколошка и длабоко загрижувачка.

