Во Штип, како и во многу други градови изборната кампања повторно го открива лицето на нашата политичка реалност. Доктори, професори, функционери и во оваа политичка кампања трчкаат од врата на врата, делат запалки, пенкала, капчиња и флаери. Се чини дека ова е „нормата“ секој изборен циклус, без разлика кој е на власт и кој во опозиција.
Оваа пракса е повеќе од загрижувачка – таа ја понижува професионалната улога на луѓето кои треба да бидат пример за младата популација, за студентите, за средношколците за идните генерации, кои како идоли ќе ги инспирираат, кои ќе ја негуваат стручноста, интегритетот и етиката во својата работа. Но, кога тие исти луѓе го користат својот авторитет за партиски цели, прашањето станува неизбежно: што се учи младата генерација? Дали се учи дека професионализмот е повреден од политички интереси, и најважно од се принципите и знаењето се заменуваат со краткорочни партиски цели.
Ова не е само етички проблем – ова е опасно за демократијата. Кога професионалците се користат како партиски инструменти, довербата во институциите се руши, а изборите стануваат фарса. Младите губат мотивација, гледајќи дека принципите, знаењето и стручноста се заменливи за краткорочни политички интереси.
Потребна е сериозна дискусија за тоа како да се заштитат професионалните вредности, како да се оддели државното од партиското и како младата популација да гледа идни лидери кои инспирираат, а не кои манипулираат. Доколку продолжиме да го толерираме ова, изборите ќе станат само циркус на симболични гестови, а вистинската демократија – и вербата на граѓаните во институциите – ќе страдаат.