Според народното верување, она што ќе го правите и што ќе ви се случи на овој ден, ќе го правите и ќе ви се случува цела година.

Игнатовден, односно Св. Игнат, е христијански празник кој православните христијани го слават на 2 јануари.

На територија на Македонија овој празник е проследен со многу суеверија, обичаи и верувања, а речиси сите православни верници сметаат дека она што го правите денес, ќе го правите и во текот на целата година.

На овој ден, велешани вообичаено вареле пченица и пченка, за плодна година. Во гевгелиско на овој празник жените кои имаат деца не работеле. Во Штип и штипско ги тегнеле децата за уши за да пораснат повеќе. Во Радовиш овој ден традиционално се прославувал мирно, никој не повишувал тон, не се пеело, а денот се започнувал со слатко или нешто благо, наместо со вообичаен појадок. Во скопско се кршеле гранчиња од зеленика, смрека и даб и со нив се потпалувал оган, како благослов за семејството, земјата и стоката. Во Охрид се приготвувале питулици во чест на Исус Христос. Во тетовско на овој ден не се позајмува ништо, додека во мавровско, се очекувале гости, а според изгледот на првиот кој ќе влезе во куќата, се прогнозирала целата година.

Од овој ден почнува да расте денот и почнуваат вистинските бадникови и божиќни обичаи

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *