Организирана од страна на Амбасадата на Италија во соработка со еминентни локални институции, манифестацијата ќе понуди можност за задлабочување во италијанскиот јазик и култура, благодарение на богатата и разновидна програма наменета за публика од сите возраст.
Програмата на вечерта ги вклучува најубавите арии од оперите на Пучини од кои дел ќе бидат премиерно изведени во државава. Покрај рециталот, во интермецата Нацоски ќе нѐ воведе и во животот и кариерата на еден од најголемите италијански композитори во историјата и тоа низ анегдоти, приказни и биографски податоци – раскажани на италијански и македонски јазик.
Следниот ден, на 15 октомври, на Универзитетот во Штип, заменик-шефот на мисија, Марио Де Роза, ќе одржи семинар за италијанската поезија од дваесеттиот век, истражувајќи значајни автори и теми од тој период.
Во среда, на 16 октомври, во Европската куќа во Скопје ќе се одржи книжевна средба со Дача Мараини. Во четврток, на 17 октомври, ќе биде посветен на меѓународната конференција организирана по повод 65-годишнината од Италијанските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на која ќе се обратат и писателката Дача Мараини и лингвистката Вера Гено, којашто ќе одржи пленарно предавање на тема „Јазикот е политика: дијахрониски и синхрониски размислувања за прашањето на родот во италијанскиот јазик“. Настаните ќе продолжат во петок, на 18 октомври, со видео-конференција во Конференциската сала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на која професорот Рино Капуто од Универзитетот во Рим, Тор Вергата, ќе разговара за случаите на родово насилство во италијанската литература, со примери земени од делата на Данте, Бокачо и Пирандело.
На 21 октомври, во Центарот за обука при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, професорките Ева Ѓорѓиевска и Јована Караникиќ Јосимовска ќе одржат семинар насловен: „Светот е книгата – италијанските писатели и научници и новата визија на светот во ерата на барокот, просветителството и неокласицизмот“.
Исто така, на 21 октомври, по повод 150-годишнината од Националниот планински музеј во Торино и 70-годишнината од италијанското освојување на врвот К2, во Кинотека на Република Северна Македонија ќе биде прикажан документарен филм за италијанското планинарство со наслов „Патеката на Тони“ (2023 година) во режија на Антонио Бокола. Вечерта ќе биде отворена со фотографска изложба курирана од Планинскиот музеј во Торино.
На 25 октомври во Битола, учениците од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ и Јазичниот центар „Лингва“ ќе презентираат видеозапис во нивна реализација под наслов „Италијанскиот јазик на битолските ученици“, кој раскажува за врската на учениците со италијанскиот јазик.
Вечерта на 25 октомври во клубот „Минус Еден“ во Скопје ќе се одржи концерт организиран во соработка со Амбасадата на Швајцарија во Скопје, на кој ќе настапи популарниот италијанско-швајцарски рапер и фристајлер Матак заедно со добро познатиот македонски диџеј Гоце и со хип-хоп артистот Фанки Нано. Настанот ќе донесе на сцената енергичен перформанс, базиран на хип-хоп музика и текстови кои се занимаваат со разни лични, социјални и културни прашања.
Широката палета настани на ова издание на Неделата на италијанскиот јазик ќе заврши на 29-ти октомври со презентација на низа активности, како што се изложби, квизови, видеопроекции и литературни читања, организирани од македонското Здружение на професори по италијански и реализирани од ученици кои ќе ја претстават својата креативност комбинирајќи ја со страста за италијанскиот јазик.