Илјадници луѓе се евакуирани во Чешка, Полска и Долна Австрија, која е прогласена за област на катастрофа и каде што загина пожарникар при борбата против поплавите, а нивото на водата на реките во Централна Европа продолжува да расте, вклучувајќи го и Дунав. Населението во најзагрозените држави се евакуираат, а досега билансот на загинати лица достигна седум – дури пет лица загинаа во Романија и по едно во Полска и Австрија.

Како последица на циклонот „Борис“, кој беснее над централна Европа, некои делови од Чешка и Полска, каде што пукна брана, се соочија со најголемите поплави во последните 30 години, пренесува Ројтерс. Поплавени се градови, патишта и друга инфраструктура, населението од најзагрозените подрачја се евакуира, а има и заглавени луѓе до кои спасувачите не можат да стигнат.

 

Десетици илјади луѓе се без струја, а многу луѓе се евакуирани од тешко погодените области во области на поголема надморска височина, јави Би-Би-Си.

Премиерите на Чешка и на Полска, Петр Фијала и Доналд Туск, апелираа до граѓаните од погодените области од поплавите да не одбиваат евакуација, а до туристите и авантуристите да не ризикуваат да спуштаат по пороите, бидејќи пожарникарите кои ќе треба да ги спасуваат, им се попотребни на оние кои се навистина во опасност.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека неговата влада ќе прогласи состојба на природна катастрофа додека се бори со разорните поплави.

 

„По консултациите со надлежните министри и служби, наредив подготовка на уредбата на Советот на министри за воведување состојба на природна катастрофа“, напиша Туск на X.

Состојбата на природна катастрофа ѝ дава на владата поголема контрола за да ги задржи и да се справи со последиците од катастрофата, што може да вклучува ограничување на одредени слободи и права.

Локалните власти во југозападна Полска итно апелираа до жителите да ги евакуираат своите домови бидејќи поплавите се закануваат да пробијат уште една брана.

 

Во видео објавено на неговата Фејсбук страница, градоначалникот на Прудник во провинцијата Ополе, Гжегож Завислак, главен началник на пожарникарите и локален функционер на Прудник, апелираше до жителите на селото Мошчанка, Лак Прудничка и делови од градот Прудник (население 21.237) веднаш да се евакуираат.

„Апелот е многу сериозен, не трошете време на дилеми, мора да си заминете. Доколку браната пукне ќе ви се уништат домовите и ќе ви се загрози животот“, изјави Радослав Рошковски, локален функционер од Прудник.

„Осумдесет проценти од прогнозираниот дожд веќе наврна, но најлошото се уште не е зад нас. Ситуацијата е навистина опасна, не смее да се потцени. Има луѓе кои одбиваат да се евакуираат. Ги молам сите да не ризикуваат, да не се плови по реките и да не се прават други луди работи“ – изјави чешкиот премиер Петр Фијала за Си Ен Ен.

 

Тој предупреди дека ситуацијата е драматична и изрази надеж дека невремето и поплавите нема да предизвикаат пречки за одржување на регионалните избори и изборите за Сенатот на 20 и 21 септември.

Чешките медиуми известуваат дека округот Јесењик, каде многу луѓе одбија да се евакуираат, сега е отсечен од светот и нема начин да се дојде до луѓето, освен со хеликоптер.

 

Според прогнозите, во втората половина на оваа недела може да се очекува голема поплава, која би можела да трае подолго, бидејќи дождовите континуирано го зголемуваат водостојот на Дунав. Поради сериозноста на ситуацијата, бизнисите и институциите во главниот град на Унгарија веќе започнаа со работа на заштита од поплави, објасни градоначалникот на Будимпешта.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *