Во ноември 2019 година мртов маж беше пронајден во стан во центарот на Стокхолм, по дури три години и осум месеци од неговата смрт. Поминало толку време до моментот кога сосетката од долниот кат помислила дека е чудно што долго време не го видела соседот, кој живеел во таа зграда речиси 40 години. Мистеријата дополнително ја искомплицира фактот што се работело за човек од југословенско потекло, па државните служби и медиумите тешко стигнале до неговото семејство и роднините. Се покажа дека тоа е Бранислав Тешановиќ, кој живеел во Шведска од средината на шеесеттите години на минатиот век.
Новинарот на шведската национална телевизија и автор на документарецот „Најосамениот човек во Стокхолм“ за „Јуро Србија“ одговара на прашањата поврзани со овој човек и ја разрешува мистеријата околу него и неговата смрт.
Кој бил најосамениот човек во Стокхолм и како се случило да умре сам?
– Одговорот на првиот дел од прашањето е полесен од одговорот на вториот дел, но кога се појави веста во 2019 година дека маж бил пронајден мртов во неговиот стан во центарот на Стокхолм и дека лежел таму речиси четири години без никој да праша за него или да го побара, тој за брзо време беше прогласен за најосамениот човек во Стокхолм. Сите почнаа да зборуваат за тоа бидејќи таква екстремна приказна беше премногу за шведското општество. Тоа влијаеше и врз мене како новинар и не можев да го прифатам како обична приказна, сакав да дознам што се случило, кој бил тој човек, затоа што зад најосамениот човек стои поединец, а никој не може да живее живот, а да не остави баш никаква трага.
Почнав да ги користам новинарските алатки што ни беа на располагање за да се обидам да разберам кој е. Така го дознавме неговото име, дека во 60-тите години дошол во Шведска како работна сила. Заедно со група луѓе од поранешна Југославија кои живеат во Шведска, успеавме да ја најдеме неговата сестра, која живее во близина на Белград.
Што откривте, која е главната причина за вакво нешто?
– Долго време работел во големата компанија „Сименс“ како металопреработувач. Бил дел од заедницата на поранешна Југославија, играл шах, бил во српската фудбалска репрезентација, но некако изгубил контакт со сестра му и со сите луѓе што ги гледал во Стокхолм. Дали ова е негов избор или нешто му се случило, навистина не знаеме, но факт е дека неговите соседи велат дека тој секогаш бил пристојно облечен, љубезен, фин постар човек, често со капа на главата и во костум. Кога ги прашав зошто не прашале порано за него, ми рекоа дека мислеле дека се вратил во Србија или Босна или дека отпатувал некаде, затоа што бил во пензија. Не сметаа дека треба да прашаат. Затоа е многу тешко да се одговори на прашањето зошто се случи ова.
Едно нешто што е специфично за Шведска, а веројатно не само за Шведска, е тоа што имаме многу автоматизиран систем. Не мора да одите во пошта за да земете пакет или во банка за да ги платите сметките. Само одете кај локалните администратори, оставете го бројот на вашата сметка и трошокот автоматски се одзема од вашата сметка. Тоа навистина олесни некои работи, но моментот кога имаш социјален контакт со општеството беше изгубен. Така, сите сметки на Бранислав Тешановиќ биле автоматски платени, тој немал долгови, па соседите и околината немало како да дознаат дека овој човек лежел мртов речиси четири години. За ова имаше многу дебати во Шведска по прикажувањето на филмот.
Колку такви луѓе има во Шведска?
-Тешко е да се каже точната бројка, секогаш кога некој ќе се најде како лежи во неговиот стан долго време, тоа е случај и за шведската полиција. Ги интервјуиравме шведските инспектори во филмот и дознавме дека само во Стокхолм имало најмалку 100 такви случаи, можеби не се работело за четири години, туку за неколку недели или една година. Но, факт е дека тој не е единствениот.
Зошто постојат толку многу осамени луѓе во Шведска, една од најсреќните земји во светот според ОН?
– Ова е тешко егзистенцијално прашање, среќата може да се заснова на тоа што имаме добар систем на социјална држава, кој сè уште функционира, системот на социјална заштита е подобар отколку во многу други земји. Од друга страна, животот го организиравме така што нема многу социјална интеракција со граѓаните со кои живеете во ист град. Овој филм започна и отвори прашања кај многу луѓе. Вообичаено е Швеѓаните да не ги познаваат своите соседи, да не разговараат со нив. Така, оваа приказна го покрена прашањето како живееме денес, особено што првото емитување на филмот беше за време на ковид-пандемијата, а тоа беше време кога сите се прашувавме за постоењето, осаменоста, како да се грижиме за старите лица. Така одеднаш се појави прашањето за осаменоста и начинот на живот.